|
|
Мисија на Амбасадата
Клучни офицери во Амбасадата
Теми од Интерес
Изјави за Медиумите
Годишни Извештаи
Ресорсен Центар на Информации
Американски катчиња во Македонија
Студентска Размена
Програма за мали грантови
Архива
|  |
Надворешната политика на САД на Балканот
Презентација на Правниот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје Заменик-помошник државен секретар на САД Розмари Дикарло 24 октомври 2006 година Многу ви благодарам. Многу ми е драго што сум тука и што ве има во толку голем број. Драго ми е што сум пак во Република Македонија и што зборувам на универзитетот што го носи името на Св. Кирил и Методиј. Јас на факултет студирав словенски јазици, и всушност цела година го изучував старословенскиот јазик. Токму поради тоа ми претставува огромно задоволство што сум сега овде, на Универзитетот Св. Кирил и Методиј.  | | | Заменик-помошник државен секретар на САД Дикарло на презентацијата и за време на разговорите со студентите на Правниот факултет (голема фотографија). | | На презентацијата и во разговорот со Заменик-помошник државен секретар на САД Дикарло студентите поставуваа прашања (голема фотографија) |
Сакам да кажам некој збор во врска со односите на САД со Македонија и општо за Македонија. Но, исто така, би сакала сето тоа да ви го прикажам во соодветен контекст. Како прво, што се однесува до нашите релации со Македонија - ние имаме одлични релации со Македонија. Пред една година ја прославивме десетгодишнината од дипломатските релации, кога нашата Амбасада ја отвори новата зграда и кога во посета ни дојде вашиот тогашен премиер. Ние соработуваме по голем број различни прашања. Македонија е многу добар партнер во нашата глобална мисија во борбата против тероризмот во целиот свет. За тоа сме многу благодарни. Имаме исти цели и исти аспирации. САД сака Македонија да оди напред, ние сакаме сите држави во југоисточна Европа да одат напред. Пред околу една и пол година, претседателот Буш реши дека е време поинтензивно да се ангажираме во овој регион. Ангажманот на САД во југоисточна Европа не е ништо ново; во последните 15 години сме длабоко инволвирани во настојувањата да се донесе мир и стабилност во југоисточна Европа. Меѓутоа, чувствуваме дека во овој момент се наоѓаме во многу значаен период. Ова е период во којшто навистина можеме да ги забрзаме работите. Целиот овој регион го очекуваат две евроатлантски интеграции - во Европската Унија и во НАТО. А ние сметаме дека е исклучително важно да го правиме тоа во соработка со колегите од Европската Унија. Од таа причина ние во последната година и пол навистина ги интензивиравме нашите залагања. Сметаме дека е ова времето кога можеме конфликтите од деведесеттите години на минатиот век конечно да ги оставиме зад себе и да се свртиме кон иднината - сите да се свртиме кон иднината. Се разбира, секоја држава си има свои проблеми и секоја држава се наоѓа на различна точка на патот кон евроатлантските интеграции. Македонија е кандидат за ЕУ и за НАТО, но исто така е и Хрватска. Албанија е кандидат за НАТО. Овие три земји навистина добро напредуваат. Што се однесува до Босна и Херцеговина, ние со Босанците интензивно работиме на модернизирањето на нивниот устав. Во Босна е на сила устав за држава што треба да функционира во услови на војна, така што сега ние работиме заедно со нив за конечно да го остават зад себе ужасниот период од деведесеттите години низ којшто мина оваа земја. Во случајот со Србија и со Косово, ние сега со нашите европски колеги интензивно соработуваме во разрешувањето на статусот на Косово. Според наше мислење, во овој регион не може да се постигне долгорочна стабилност без да се реши статусот на Косово. Се разбира, не смееме да забораваме дека статусот на Косово мора да се реши на таков начин што тоа нема да ја дестабилизира Србија или регионот. Што се однесува до Македонија, ние сме цврсто уверени дека Македонија има преземено голем број крупни чекори. Македонија бездруго има постигнато напредок во создавањето и изградбата на демократските институции, во заштитата на правата на своите граѓани и во доброто управување со државата. Македонија постигна многу голем напредок од кризата во 2001 година наваму. Исклучително сме задоволни што гледаме дека сега се имплементира Рамковниот договор, и дека Македонија користи различни патишта и применува различни начини на патот кон членството во НАТО и во ЕУ. Земјата секако има постигнато огромен напредок на полето на зајакнувањето на мултиетничките институции. Лидерите во земјата денес ги поттикнуваме особено да се фокусираат на постигнувањето политички консензус што е неопходен за наредните чекори што се многу тешки. Знаеме дека е децентрализацијата во тек. Тоа е исклучително важно прашање. Важно е не само за хармонија во едно мултиетничко општество, туку и за добро управување со државата. Го знаеме и тоа дека непартиското имплементирање на рамноправната застапеност претставува уште едно исклучително важно прашање. Ова се двете клучни прашања што се неопходни за Македонија ефикасно да функционира, да напредува кон својот просперитет и, се разбира, на својот пат кон НАТО и ЕУ. Знаеме дека Македонија напорно се залага за воспоставување меѓуетничка соработка заради создавање вистинска мултиетничка држава. Во тој поглед, оваа земја ќе служи за пример во регионот. САД вложува огромни напори да помогне по ова прашање, и не само во Македонија, туку и во регионот како целина. Нашите колеги во Амбасадата што соработуваат со Агенцијата за меѓународен развој, со други владини агенции на САД и со Стејт Департментот, работат заедно со многу луѓе во Македонија на полето на развојот на слободните медиуми, на граѓанското општество и на невладините институции. Тие работат врз развојот на малите и средни претпријатија, и ги поддржуваат преговорите за влез во Светската трговска организација. Заедно со сите вас работиме во борбата против трговијата со луѓе и во промовирањето на верската слобода. Во голема мерка сме соработувале и на полето на реформата на војската, што претставува клучно прашање - клучот за НАТО и за сите вас - а ние работиме за да се изградат соодветни структури за да се постигне доволно голема контрола на цивилниот врз воениот сектор. Проблеми има; ние не велиме дека нема проблеми. Животниот стандард во земјите на Балканот сè уште е понизок од стандардот во 1999 г. Има голема невработеност; нема инвестиции. Треба да имаме повеќе можности за луѓето како вас, за да можат младите луѓе да живеат и да работат во оваа земја и овде да остварат просперитетна иднина. Треба повеќе да работиме на полето на економскиот раст и да ги отстраниме препреките во кредитирањето за правење бизнис. Владата работи на решавањето на некои од овие прашања. Вчера имав средба со една група бизнисмени, и бев импресионирана со сето она што го постигнале за толку кратко време. Остануваат и некои правни проблеми, не само економски. Потребно е да има правна држава за да се чува демократијата и да се заштитуваат и да се поттикнуваат инвестиции. Странските инвеститори ќе дојдат во една држава дури кога ќе бидат сигурни дека ќе добијат соодветно сослушување пред независни судски органи, дека има адекватни норми, стандарди и регулатива што државата ќе ги почитува, и дека нивната инвестиција ќе биде заштитена. Што се однесува до правните прашања, треба да има и полиција на која ќе и веруваат сите граѓани. Почитувањето на правната држава е од суштинско значење; тоа е неопходно во секое демократско општество. Општествените состојби во државите се наоѓаат во состојба на континуирано унапредување на демократијата, што важи и за државите во кои демократијата владее со години, како што е тоа случај со мојата земја. Задоволни сме што гледаме дека се прават напори за јакнење на судството во Македонија и за борба против корупцијата. Ова ќе бидат клучни прашања за НАТО алијансата, за вашето членство по неколку години, како и за Европската Унија. Вие сте иднината на Македонија. Вие имате бенефиции што другите ги немале, но вие, исто така, моравте да доживеете и работи какви што вашите родители веројатно не морале да доживеат. Свесни сте за големиот број тешкотии што стојат на патот. Јас можам само да ве поттикнам да погледнете околу себе, да погледнете кај своите соседи, да ги погледнете своите многу добри пријатели во Европа и во САД и сите ние заедно да работиме на решавањето на прашањата што ќе бидат најбитни за вас и за вашето семејство, а конечно и за вашите деца. Се радуваме на соработката со Македонија во која ќе и помагаме на земјата да премине во наредната фаза, а тоа, се надеваме, значи да стане дел од една алијанса - НАТО алијансата - и да стане дел од Европската Унија. Дозволете ми да ви дадам една причина поради којашто е толку важно Македонија да стане дел од НАТО. Ние не сакаме да влезете во НАТО алијансата за да ги испраќате своите војници во Ирак. Сметаме дека сите ние што имаме заеднички вредности треба да формираме алијанса за да можеме да ги совладуваме проблемите во светот што ни се закануваат на сите. НАТО не е само воена алијанса, тоа е политичка алијанса. И таа алијанса се темели врз заеднички вредности и врз заеднички цели. Тоа е една од причините зошто остварувањето право на членство во НАТО не значи само воена реформа и воена подготвеност; тоа е прашање и на политички и економски реформи, зашто сакаме да бидеме сигурни дека сме во заедница со оние што ги почитуваат истите вредности како и ние. Што се однесува до Европската Унија, САД, се разбира, не е дел од ЕУ, меѓутоа нашата држава остварува многу блиска соработка со ЕУ. Соработката околу прашањата сврзани со југоисточна Европа веројатно претставува еден од нашите најдобри примери за трансатлантска соработка. Ние сметаме дека членството во Европската Унија за Македонија ќе значи не само поголема безбедност, туку и просперитет за земјата. И се надеваме дека вие ќе го завршите својот дел од работата преку соработка со вашата влада за ова да стане ваша реалност. Благодарам.
|
| back
to top ^ |
|
|