Изјава за Медиумите
Изложба на фотографии “Обележјата на Њујорк” започнува во Македонија
Амбасадата на Соединетите Американски Држави со задоволство го најавува пристигнувањето на изложбата на фотографии насловена како “Обележјата на Њујорк.” Изложбата, која е спонзорирана од Бирото за образование и култура на Стејт Департментот на САД и од Амбасадата на САД во Скопје, содржи 81 фотографија со симболите на Њујорк Сити, а се поставува по повод 40-годишнината од донесувањето на Законот за заштита на обележјата на Њујорк. Оваа изложба, која ќе заобиколи повеќе од 50 држави во целиот свет, ги нагласува виталноста, разновидноста и историјата на Њујорк преку неговите обележја.
Таа опфаќа различни фотографии на кои може да се видат јавни установи, фабрики, деловни кули, универзитети, музеи, паркови и религиозни храмови. Со тоа што ги прикажува прочуените зданија, како Статуата на слободата и Бруклинскиот мост, но и оние што се помалку познати, како Малиот црвен светилник на Менхетн, изложбата им нуди на посетителите можност да погледнат во историјата на луѓето на Њујорк, и на нивните стремежи и вредности, од 40-тите години на 17-тиот век па се до денес.
Изложбата ќе биде поставена во три града во Република Македонија. Во
Музејот на современа уметност во Скопје, изложбата ќе се прикажува од 17 -24 јануари. Локалната институција Народен музеј - Арт галерија во Велес ќе биде домаќин на оваа патувачка изложба од 31 јануари - 4 февруари, а од 9 - 17 февруари, изложбата ќе биде поставена во Културниот центар во Дебар.
Како проширување на изложбата, Амбасадата ќе организира фото натпревар за ученици под наслов “Обележјата на мојата земја” чија цел ќе биде да се поттикнат младите луѓе да ги забележат на фотографија обележјата на македонските градови. Сите средношколци и универзитетски студенти, државјани на Република Македонија, ќе можат да се пријават на натпреварот што ќе трае од 18 јануари - 9 февруари. Заинтересираните треба да испратат црно-бели фотографии или дигитални црно-бели снимки со обележја на македонските градови во Американското катче во Скопје, што се наоѓа во Градската библиотека -Браќа Миладиновци во Скопје (Бул. Партизански одреди 22, 1000 Скопје, тел.: 02-3224 970, факс: 02-3224-971, електронска пошта: acskopje@americancornerskopje.com.mk) Најдобрите три фотографии ќе бидат наградени.
- Заштита на симболите на Њујорк, Прослава на 40-годишнина од Барбарали Дајмонстајн-Спилвогел.
- Благодарница.
***