Изјава и одговарање на прашања
Заменик-помошник државен секретар Розмари Дикарло
23 октомври 2006 година
Министерство за надворешни работи на Македонија
Ви благодарам, министре Милошоски. Навистина се радувам што сум повторно во Македонија. Штотуку имав продуктивни дискусии по разни билатерални прашања со премиерот, со министерот за надворешни работи и со замениците министри за евро-интеграции и за имплементирање на Рамковниот договор. Им благодарам на гостољубивоста и на топлото добредојде што го добивам овде. САД и Република Македонија се во одлични релации. Многу сме благодарни за нашата соработка, особено за соработката на Македонија во глобалната војна против тероризмот. Соработуваме по низа најразлични прашања од глобален интерес.
На овие состаноци дискутиравме за потребата од континуирани консултации и постигнувањето консензус меѓу владата и другите страни во поглед на реформите што се неопходни за интеграција на Македонија во евроатлантските институции. САД ја поддржува Македонија во овој поглед. Исто така, разговаравме и за значењето на владеењето на правото и за тоа дека е потребно владата, во соработка со сите партии, да ги интензивира напорите во борбата против корупцијата, во целосното имплементирање на Охридскиот рамковен договор и во поддршката на процесот за утврдување на конечниот статус на Косово. Мојата амбасада ми има направено распоред на средби што треба да ги остварам. Ќе имам уште средби и разговори со министерот за надворешни работи и со националниот координатор за прашањата во врска со НАТО.
Исто така, ќе имам средби и со претседателот Црвенковски, со претседателот на Парламентот, со повеќе партиски лидери и со локални бизнисмени. Веќе имав средби со некои ваши градоначалници со кои разговаравме по прашања од областа на децентрализацијата. Ќе се сретнам и со граѓани и со универзитетски студенти. А мојата порака до сите нив е иста: „Ние ги поддржуваме вашите аспирации, ние ги почитуваме истите вредности. Ние ја поддржуваме Македонија; и натаму ќе продолжиме да ја поддржуваме Македонија за да ги оствари реформите што ќе бидат неопходни за да стане членка на евроатлантската заедница. Ние сме ваши пријатели и го негуваме тоа пријателство. Благодарам.“
Прашања и одговори:
Дописникот на АП: Г-ѓо Дикарло, се чини дека списокот на услови што оваа земја мора да ги исполни за да влезе во НАТО е бесконечен. Дали има временски рок за влегувањето на оваа земја во НАТО во 2008 година?
Заменик-помошник државен секретар на САД Дикарло: Како прво, тој список не е бесконечен. Секоја демократска држава постојано е во процес на реформи. Ние многу тесно соработуваме со Македонија, и ќе ја продолжиме таа соработка, во областа на реформите што треба да се спроведат во одбраната, политиката и во економијата. Реформата на судството е уште една значајна област, борбата против корупцијата, борбата против трговијата со луѓе, обезбедувањето верска слобода и права за сите ваши граѓани. Ние сакаме да ја направиме Македонија што е можно посилен кандидат за членство во НАТО во моментот кога Алијансата ќе ја разгледува наредната рунда на проширување. Ставот на САД во поглед на проширувањето на НАТО е многу јасен. Вратата на НАТО е отворена за сите оние што сакаат да бидат земји-членки и што сакаат да се подготват за членство во НАТО.