Мировен корпус Македонија
Четириесет и девет нови доброволци даваат свечена заклетва
на церемонија во Велес
Единаесеттата Група Доброволци На Мировниот Корпус Ја Започнува Својата Служба Во Македонија
15 декември, 2006
ВЕЛЕС - Единаесеттата група доброволци на американскиот Мировен корпус во Македонија ја заврши подготвителната обука за двегодишната служба во Македонија.
На 15 декември, 49-те нови доброволци ја завршија својата 12-неделна обука во Велес, Чашка, Неготино, Кавадарци, Свети Николе и Куманово. По давањето на свечената заклетва пред амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џилијан Миловановиќ, на церемонијата на којашто присуствуваше и претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, како и други владини претставници и претставници на општините и организациите со коишто соработува Мировниот корпус, доброволците ќе ја започнат својата двегодишна служба во 32 заедници ширум Република Македонија.
Програмата на Мировниот корпус во Македонија имаше стабилен прогрес во изминатите години. 49-те нови доброволци на Мировниот корпус ќе го зголемат бројот на постоечките доброволци што служат во Македонија на 82.
Директорката на Мировниот корпус во Македонија, Лусиен Филипс вели, “Градоначалникот Аце Коцевски и луѓето од Велес, којшто беше центар на обуката, беа од огромна помош и поддршка. Заедниците Велес, Чашка, Куманово, Неготино, Кавадарци и Свети Николе, коишто им беа домаќини на доброволците за време на обуката, покажаа одлично гостопримство во прифаќањето и соработката со доброволците на Мировниот корпус.”
Новите доброволци, како дел од подготвителната обука, интензивно го изучуваа македонскиот јазик, а оние што се назначени да работат во западните делови на земјата, покрај македонскиот го изучуваа и албанскиот јазик. Доброволците, исто така, добија информации за македонскиот образовен систем, за економската ситуација во земјата, владините и невладините организации и програми, како и за организациите што работат со еколошки прашања.
Тие имаа можност и за практична обука предавајќи во локалните училишта, помагајќи во невладините организации и имплементирајќи мали проекти за развој на заедниците во Велес и регионот. Секој од доброволците на Мировниот корпус за време на обуката живееше во семејство-домаќин, со цел да стекне подобро разбирање за македонските заедници и култура, како и да го потпомогне изучувањето на јазикот.
Во следните неколку дена доброволците ќе се преселат во местата каде ќе живеат и работат, ширум Македонија. Дваесет и пет од нив ќе работат на програмата за образование на англиски јазик, додека останатите 24 ќе им помагаат на различни невладини организации и организации на локалната самоуправа низ земјата.
Доброволците ќе работат во следните заедници во Македонија: Скопје, Центар Жупа, Пехчево, Битола, Тетово, Свети Николе, Штип, Вратница, Виница, Муртино, Велес, Неготино, Кочани, Ресен, Охрид, Куманово, Гевгелија, Градско, Струмица, Ропотово, Ињево, Крушево, Прилеп, Пробиштип, Кратово, Гостивар, Кавадарци, Струга, Македонски Брод, Демир Хисар, Ново Село и Кичево.
Мировниот корпус е основан во 1961 г. од претседателот Џон Ф. Кенеди. До денес трите цели на организацијата остануваат исти: 1. да им се помогне на земјите што имаат потреба од стручни и искусни лица; 2. да им се помогне на луѓето од светот да имаат подобро разбирање за американскиот народ и култура и 3. да им се помогне на Американците да добијат подобро разбирање за луѓето и културата на земјите, во коишто живеат и работат доброволците. Преку ваквите напори, доброволците на Мировниот корпус работат на промовирање на мирот и меѓусебното разбирање на луѓето од различни култури и потекло.
Покрај спроведувањето на трите основни цели, Мировниот корпус со текот на времето ги прошири своите активности на различни полиња, како што е Планот на претседателот за итно дејствување во борбата со ХИВ/ СИДА или, пак, Програмата за помош при природни несреќи.
За повеќе информации за програмата на Мировниот корпус, ве молиме контактирајте ја канцеларијата на улица “Осло” 6, 1000 Скопје или на телефонот 02/ 3090-012.